Халитозата претставува појава на непријатен мирис во усната празнина и се јавува кај 25% од светската популација. Оваа појава може да влијае на самодовербата, да предизвика вознемиреност, срам, дури и анксиозност во ретки случаи , иако во најголем дел од случаите е многу лесно да се третира.
Најчест причинител за појава на Халитоза е лошата орална хигиена. После кариес и болести на непцата, таа е третата најголема причина поради која луѓето посетуваат стоматолог.
Со стекнување на правилни навики за добра орална хигиена, третирањето на Халитозата може да биде многу лесно.
Најчести причини за појава на Халитоза:
- Тутун – производите од тутун предизвикуваат непријатен мирис во устата, но и болести на непцата.
- Храна – остатоците од храна меѓу забите предизвикуваат непријатен мирис во устата.
- Сува уста – плунката природно ја одржува устата чиста. Доколку устата е природно сува или има намалено лачење на плунка карактеристично за некоја болест, како Ксеростомија, непријатниот мирис може да биде со поголем итензитет.
- Орална хигиена – правилното четкање и правилната употреба на дентален конец ги отстранува и најмалите остатоци од храна и дентален плак. Во случаи кога четкањето и користењето на дентален конец не е адекватно, тогаш се интензивира создавање на дентален плак и продлабочување на просторот помеѓу забот и гингивата (периодонтитис) а следствено на тоа се интензивира и непријатниот мирис.
Мобилните, тотални и парцијални протези кои што не се чистат редовно и адекватно, исто така може да предизвикаат Халитоза. - Диети – гладување и низок внес на јаглехидрати во начинот на исхрана, може да предизвикаат појава на соединенија кои што се викаат кетони, кои што имаат јак мирис и предизвикуваат Халитоза.
- Лекови – некои лекови кои што предизвикуваат зголемено или намалено лачење на плунка ( пр.терапија за смирување), но и зголемен внес на витамини и витамински суплементи, предизвикуваат Халитоза.
- Бактериски инфекции – локализирани во носната и усната празнина, инфекции на крајници, предизвикуваат Халитоза.
- Болести – некои видови на метаболички болести и болести на црниот дроб, може да предизвикаат непријатен мирис во устата.
Превенција и третирање на Халитоза
- Четкање на забите – правилно четкање на забите два пати дневно, препорачливо после оброк. Четкањето на забите чисти 60% од површината на забот.
- Користење на дентален конец – користењето на дентален конец овозможува отстранување на денталниот плак и остатоците од храна меѓу забите. Чистењето со дентален конец чисти 40% од површината на забот.
- Чисти протетски помагала – се што се употребува во устата како протетско помагало, мора да биде чисто, како тотални и парцијални протези, коронки, мостови и гуми за бруксизам.
- Чист јазик – бактерии и остатоци од храна се таложат и на јазикот. Чистење на јазикот, исто така е препорачливо.
- Избегнете сува уста – конзумирање на многу вода во текот на денот и избегнување на алкохол и цигари.
- Гуми за џвакање, по можност да се без шеќер за да се стимулира лачење на плунка која ќе ја одржува устата чиста.
- Диета – избегнување на кромид, лук и премногу зачинета храна, производи кои содржат шеќер. Редуциран внес на кафе и конзумирање на сирова храна за појадок помага за одржување на чиста усна празнина.
За повеќе информации на слични теми, прочитајте ги нашите останати блогови.