Правилно четкање на забите

Колку и да изгледа лесно и едноставно, не секој од нас правилно ги четка забите, но секаде каде што има грешки, има простор и да се поправат.

Четкањето на забите претставува есенција во одржувањето на оралната хигиена. Во продолжение се неколку совети за правилно четкање:

  • Дали ја користите правилната четка?

Изборот на четката е многу важен за квалитетот на четкањето. Секој треба да избере четка која што ќе одговара на неговите потреби, големината на работниот дел на четката, да може да ги исчетка и тешко достапните места во устата, да има меки или ултра меки влакна, лесно свитливи за да не го оштетат емајлот на забот.

  • Пресилно четкање

Денталниот плак кој што се таложи на забите е мек. Затоа, не треба пресилно да се четкаат , туку нежно да се помине преку површината на забот за да се одстрани тенкиот слој на плак.

  • Брзање

Просечното време потребно за да се исчеткаат забите е 120 сек. Поради обврски наутро или поспаност навечер, времето на четкање го скратуваме и ова е една од најчестите грешки. Не го скратувајте времето на четкање поради било какви други обврски, посветете 4 мин во текот на денот на вашите заби, тие го заслужуваат тоа.

  • Менување на четка

Четката треба да се користи најмногу 3-4 месеци. Не треба да биде спакувана во кутија бидејќи тоа ќе им овозможи на бактериите да се размножат. Таа треба да стои на отворено во држач за четки и во случај да биде сменета бојата на влакната или да се свиткани влакната, таа четка треба да се промени. Квалитетот на четкање со оштетена четка е намален, така и вашите заби нема да ја добијат соодветната нега.

  • Четкање лево-десно

Четкањето треба да биде нежно, без преголем притисок во правец горе-долу со многу благи кружни движења. Во горната вилица од горе према долу, во долната вилица од долу према горе, како чешел за коса. Четкањето лево-десно, не само што не го одстранува денталниот плак, туку и го носи во интерденталните простори ( просторот меѓу два заба).

  • Ја заборавате гингивата

При четкање на забите, голем дел од нас трошат повеќе време и внимание на гризните површини на забите а ја забораваат регијата каде што гингивата доаѓа во контакт со забот. Помеѓу забот и гингивата постои простор што се нарекува гингивален сулкус во кој често има акумулација на бактерии. Многу е важно и ово простор да се исчетка.

  • Четкање на јазикот

Препорачливо е после четкање на забите да се измасира јазикот со делот од четката кој што е наменет за тоа. Тоа се наоѓа од задниот дел на четката.

Посветете им на вашите заби дел од вашето време и внимание и запомнете, и подарете си насмевка каква што заслужувате.

Зошто вашите заби се сензитивни на топла и ладна храна

Сензитивноста на забите при козумирање на премногу топли и премногу ладни напитоци или храна е еден од најчестите проблеми со кои се соочуваат пациентите.

Како се јавува преголема сензитивност на забите?

Хиперсензитивноста на забите може да настане од различни причини, како од лоши навики и парадонтална болест, така и од други болести, дури и лошо изработени композитни реставрации и протетски помагала.

Причини поради кои забите се преосетливи:

  • Конзумација на премногу цедени сокови, кисела и зачинета храна, доведува до нагризување на емајлот и експонирање на дентинските тубули од дентинот.
  • Кариес – кога сензитивноста на термичките дразби е пропратена и со болка при џвакање, голема е веројатноста да станува збор за присуство на кариес.
  • Болести на непцата – зголементата акумулација на дентален плак на површината на забите и помеѓу забот и гингивата, е индикатор за воспалени непца и најчесто дава сензитивност на ладно.
  • Агресивно четкање на забите – употребата на четки со тврди влакна и агресивното четкање на забите, доведуваат до оштетување на емајлот и експонирање на дентинските каналчиња, со што се јавува сензитивност на топли и ладни напитоци и храна.
  • Чкрипење и стискање со забите – оваа појава наречена Бруксизам го оштетува емајлот на забите и можна е појава на фрактури што доведува до чувствителност на топло и ладно.
  • Повлекување на гингивата – рецесијата (повлекувањето) на гингивата, доведува до експонирање на цементот на забот и до преголема чувствителност која што може да биде предизвикана од болест – парадoнтопатија, или од агресивно четкање.
  • Поголеми или помали фрактури на забите го експонираат нервот и со тоа се јавува поголема чувствителност на топла и ладна храна.

Превенција и терапија

  • Редукција на конзумација на кисела и зачинета храна, цедени сокови и бистри сокови.
  • Употреба на четка со меки или ултра меки влакна и четкање без преголем притисок.
  • Употреба на паста за сензитивни заби.
  • Употреба на течност за плакнење на уста која што содржи флуор за да се намали сензитивноста.
  • Редовни стоматолошки прегледи за да се контролираат композитните реставрации и сите протетски помагала.
  • Во случаи на чкрипење и стискање со забите, носете гума.

До следното читање…

Халитоза (непријатен мирис од уста)

Халитозата претставува појава на непријатен мирис во усната празнина и се јавува кај 25% од светската популација. Оваа појава може да влијае на самодовербата, да предизвика вознемиреност, срам, дури и анксиозност во ретки случаи , иако во најголем дел од случаите е многу лесно да се третира.

Најчест причинител за појава на Халитоза е лошата орална хигиена. После кариес и болести на непцата, таа е третата најголема причина поради која луѓето посетуваат стоматолог.

Со стекнување на правилни навики за добра орална хигиена, третирањето на Халитозата може да биде многу лесно.

Најчести причини за појава на Халитоза:

  • Тутун  – производите од тутун предизвикуваат непријатен мирис во устата, но и болести на непцата.
  • Храна – остатоците од храна меѓу забите предизвикуваат непријатен мирис во устата.
  • Сува уста – плунката природно ја одржува устата чиста. Доколку устата е природно сува или има намалено лачење на плунка карактеристично за некоја болест, како Ксеростомија, непријатниот мирис може да биде со поголем итензитет.
  • Орална хигиена – правилното четкање и правилната употреба на дентален конец ги отстранува и најмалите остатоци од храна и дентален плак. Во случаи кога четкањето и користењето на дентален конец не е адекватно, тогаш се интензивира создавање на дентален плак и продлабочување на просторот помеѓу забот и гингивата (периодонтитис) а следствено на тоа се интензивира и непријатниот мирис.
    Мобилните, тотални и парцијални протези кои што не се чистат редовно и адекватно, исто така може да предизвикаат Халитоза.
  • Диети – гладување и низок внес на јаглехидрати во начинот на исхрана, може да предизвикаат појава на соединенија кои што се викаат кетони, кои што имаат јак мирис и предизвикуваат Халитоза.
  • Лекови – некои лекови кои што предизвикуваат зголемено или намалено лачење на плунка ( пр.терапија за смирување), но и зголемен внес на витамини и витамински суплементи, предизвикуваат Халитоза.
  • Бактериски инфекции – локализирани во носната и усната празнина, инфекции на крајници, предизвикуваат Халитоза.
  • Болести – некои видови на метаболички болести и болести на црниот дроб, може да предизвикаат непријатен мирис во устата.

Превенција и третирање на Халитоза

  • Четкање на забите – правилно четкање на забите два пати дневно, препорачливо после оброк. Четкањето на забите чисти 60% од површината на забот.
  • Користење на дентален конец – користењето на дентален конец овозможува отстранување на денталниот плак и остатоците од храна меѓу забите. Чистењето со дентален конец чисти 40% од површината на забот.
  • Чисти протетски помагала – се што се употребува во устата како протетско помагало, мора да биде чисто, како тотални и парцијални протези, коронки, мостови и гуми за бруксизам.
  • Чист јазик – бактерии и остатоци од храна се таложат и на јазикот. Чистење на јазикот, исто така е препорачливо.
  • Избегнете сува уста – конзумирање на многу вода во текот на денот и избегнување на алкохол и цигари.
  • Гуми за џвакање, по можност да се без шеќер за да се стимулира лачење на плунка која ќе ја одржува устата чиста.
  • Диета – избегнување на кромид, лук и премногу зачинета храна, производи кои содржат шеќер. Редуциран внес на кафе и конзумирање на сирова храна за појадок помага за одржување на чиста усна празнина.

За повеќе информации на слични теми, прочитајте ги нашите останати блогови.

Developed by Optimized