Сензитивноста на забите при козумирање на премногу топли и премногу ладни напитоци или храна е еден од најчестите проблеми со кои се соочуваат пациентите.
Како се јавува преголема сензитивност на забите?
Хиперсензитивноста на забите може да настане од различни причини, како од лоши навики и парадонтална болест, така и од други болести, дури и лошо изработени композитни реставрации и протетски помагала.
Причини поради кои забите се преосетливи:
- Конзумација на премногу цедени сокови, кисела и зачинета храна, доведува до нагризување на емајлот и експонирање на дентинските тубули од дентинот.
- Кариес – кога сензитивноста на термичките дразби е пропратена и со болка при џвакање, голема е веројатноста да станува збор за присуство на кариес.
- Болести на непцата – зголементата акумулација на дентален плак на површината на забите и помеѓу забот и гингивата, е индикатор за воспалени непца и најчесто дава сензитивност на ладно.
- Агресивно четкање на забите – употребата на четки со тврди влакна и агресивното четкање на забите, доведуваат до оштетување на емајлот и експонирање на дентинските каналчиња, со што се јавува сензитивност на топли и ладни напитоци и храна.
- Чкрипење и стискање со забите – оваа појава наречена Бруксизам го оштетува емајлот на забите и можна е појава на фрактури што доведува до чувствителност на топло и ладно.
- Повлекување на гингивата – рецесијата (повлекувањето) на гингивата, доведува до експонирање на цементот на забот и до преголема чувствителност која што може да биде предизвикана од болест – парадoнтопатија, или од агресивно четкање.
- Поголеми или помали фрактури на забите го експонираат нервот и со тоа се јавува поголема чувствителност на топла и ладна храна.
Превенција и терапија
- Редукција на конзумација на кисела и зачинета храна, цедени сокови и бистри сокови.
- Употреба на четка со меки или ултра меки влакна и четкање без преголем притисок.
- Употреба на паста за сензитивни заби.
- Употреба на течност за плакнење на уста која што содржи флуор за да се намали сензитивноста.
- Редовни стоматолошки прегледи за да се контролираат композитните реставрации и сите протетски помагала.
- Во случаи на чкрипење и стискање со забите, носете гума.
До следното читање…